Кривична пријава против поранешната директорка на Завод и музеј од Охрид

Завод и Музеј Охрид и поднесе кривична пријава на поранешната директорка на установата Тања Паскали Бунташеска за неспроведување на судска одлука за спор за потпорните ѕидови до музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“, што предизвикало финансиска штета на буџетот од 7.5 милиони денари, или околу 123.000 евра. Министерот за култура  Алаѓозовски, информираше дека поради извршното решение сметката на Завод и Музеј Охрид е блокирана

„Тужителот повел постапка за изрекување на судски пенали заради неизвршување на пресудата од декември 2009 година. Постапката завршила со пресуда на Апелациониот суд во Битола, со која биле изречени пенали од 3000 денари дневно“, истакна на прес-конференција во Охрид министерот Алаѓозосвки. 

 И покрај обидите не успеавме да стапиме во контакт со поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид Паскали Бунташеска. Обврската која таа ја оставила за уривање на спорните потпорни ѕидови конечно била исполнета од новото раководство на установата на 5-ти декември за неколку часа и за трошок од 30.000 денари, информираше Алаѓозоски. 

Тој истакна дека министертвото сериозни ќе се насочи кон решавање и на наследениот проблем со реконструкцијата на Али Пашината Џамија во охридската чаршија каде е предвидена изградба на 32-метарско минаре, што предизвика силни реакции во јавноста.

 „Ќе го стопираме проектот за да најдеме заедничко решение. Не би дозволиле таму да се гради надвор од законските норми и да предизвикува тоа етнички тензии“, рече министерот Алаѓозовски.

 Алаѓозоски посочи дека не е добро ваквите прашања да се експлоатираат за покренување на меѓуверски и меѓуетнички тензии додавајќи дека културното наследство треба да спојува, а не да разделува. Најави дека Министертвото ќе постаува во насока на смирување на тензиите, а реконструкцијата на Али Пашината ќе се спроведе во рамки на законските процедури.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ