
Новинарките со пријава за насилство од државниот службеник кој доби отказ
Пријава за навредување и за закани по социјални мрежи. Денеска двете новинарки го пријавиле заканувачот до единицата за насилен криминал во СВР Скопје. За Телма новинарките Искра Коровешовска и Мери Јордановска потврдија дека во полиција ги однеле доказите и испринтаните закани и навреди упатени до нив сега веќе отпуштениот државен службеник Емил Јакимовски. МВР потврди дека по пријавата веќе се постапува без да открие детали. Прво ќе треба да го лоцираат Јакимовски и да го повикаат на разговор за обвинувањата. Од друга страна, Јакимовски чии закани беа објавени од двете новинарки веќе го подигнал отказното решение кое го добил во централниот регистар и го објави и на фејсбук. Отказот му е врачен и поради несовесно и несоодвтено однесување поради што го нарушувал угледот на институцијата, но и порадо злоупотреба на боледување за што е добиена потврда од фондот за здравствено осигурување. Јакимовски пак смета дека незаконски е отпуштен од боледување и најавува тужба. Посочениот Јакимовски беше посочен и како главен виновник за хакирање на фејсбук профилот на Централен регистар кој тој го има креирано додека претходно бил во одделот за односи со јавност. На закани од државен службеник се пожалија и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, но и директорката на Регистарот Марија Бошковска Јанковска кој соопшти дека заканите кон неа и кон други вработени во инстутицијата се пријавени и во МВР. .
Сочните навреди и тешките закани уште еднаш потврдија дека треба да се преземе посериозна борба против насилниците кои преку социјални мрежи но и преку други канали ги напаѓаат новинарите. Таква борба од државните институции побараа и новинарските асоцијазии ЗНМ и независниот синдикат и потсетија дека уште лани во септември побараа измени во кривичниот законик за напади и закани врз новинари и медиумски работници. Политичките партии го осудија инцидентот и го искористија и за препукувања-СДСМ потенцираше дека Јакимовски е член и активист на ВМРО-ДПМНЕ, додека од опозицијата возвратија дека имаат докази како Јакимовски контактирал со високи партиски функционери на СДСМ од Крива Паланка.
Миомир Серафиновиќ