
Спасовски на средба со Вартоломеј, во друштво на Заев
Без детали, но со многу отворени прашања. Кусите соопштенија од Владата и од СДСМ не откриваат што се зборувало на средбата со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во седиштето Цариградската Патријаршија. Никој не кажува дали воопшто било разговарано за автокефалноиста на МПЦ – ОА. Од владината прес-служба се обидоа само да го оправдаат присуството на лидерот на СДСМ, Заев. Велат, бил во друштво на техничкиот премиер Спасовски и директорот на Комисијата за односи со верските заедници Сотировски, бидејќи поканата од Вартоломеј стигнала уште додека тој бил прв човек на владата. На средбата, Заев изразил надеж дека партијархот ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет. Неодамна,бугарскиот патријарх Неофит порача дека било важно да се утврди името на државата, запрашан, на какво ниво се односите со македонската црква и дали бугарската ќе продолжи да ѝ помага. Пред околу девет месеци, пак, рускиот патријарх Кирил потенцира дека вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на автокефалноста, и на МПЦ-ОА.
Пред потпишувањето на преспанскиот договор, пак, пролетта 2018та, тогашниот премиер Заев и МПЦ испратија писма до Вселенската патријаршија со барање да се вклучи во решавањето на црковниот спор. Од Истамбул на писмата одговорија дека ќе преземат иницијатива по тоа прашање. Други детали, до денеска не се јавно соопштени, иако досега во неколку наврати имаше имаше информации за активности на вселенската патријаршија.
Весна Дојчиновска