
Оштетено лизгалиштето на градскиот плоштад во Тетово
Пред да се пушти во употреба лизгалиштето поставено на градскиот плоштад во Тетово, на повеќе места се оштети. За време на прославата за Нова година дел од инсталацијата изгоре од неконтролираната употреба на пиротехника. Тетовци залудно се израдуваа на едно од ретките проекти за забава и рекреација.
Лизгалиштето требаше да се пушти во употреба на 3 јануари. Инвестиција е на Агенцијата за млади и спорт. Оттаму ни истакнаа дека Општина Тетово била задолжена да го чува, но и да изнајмува лизгалки.
Случајот со оштетувањето го пријавиле во полиција. Се надеваат дека ќе се открие сторителот и виновникот, штетата ќе биде надоместена и лизгалиштето во текот на месецот ќе биде пуштено во употреба.
Од Општина Тетово не ни дадоа никаков коментар околу изгорената инсталација и санирање на истата.
Агенцијата за млади и спорт има склучено договор со австриска компанија за монтажа и демонтажа на седум лизгалишта во седум општини во Македонија, во вредност од 227 илјади евра.
Зоран Димовски