
Алвар – Гонзалес: Бидете заложници на иднината, не на минатото
Помошник генералниот секретар на НАТО, Алехандро Алвар-Гонзалес слушна дека Македонија и владата се цврсто посветени државата да стане 30-та земја-членка на алијансата, за што има консензус кај сите политички партии, но и висока поддршка од граѓаните. Ова му го кажаа вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни, Никола Димитров.
„Ги вложуваме сите напори, да ги реализираме реформите кои се насочени кон секој припадник на армијата, кон условите во кои тој работи, кон неговата опременост, знаења и вештини“, рече министерката Шекеринска.
Министерот Димитров ја повтори определбата за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од врвните приоритети на надворешната политика. Аргументираше дека Македонија веќе долго време дејствува како де-факто земја членка на алијансата, особено во споделувањето на заедничките одговорности со земјите членки на НАТО.
Помошник-генералниот секретар на нато, Алвар – Гонзалес рече дека пред една година биле загрижени од кризата во Македонија и ги охрабри лидерите да дадат максимум во правец на реформите.
Алвар – Гонзалес вели не сака да коментира колку Македонија и Грција се блиску до решение на спорот за името, што е услов за членство на Македонија во НАТО. Во интервју за Телма, порача, не бидете заложници на минатото, туку на иднината.