Опозицијата не дозволува пред избори да се гласа Закон кој ќе овозможи извоз на канабис

Производителите на канабис за медицинска употреба го очекуваат исходот од последните обиди во Собранието да се отвори пат за новиот Предлог-закон на Владата кој би им овозможил да извезуваат цвет од канабис во европските земји. Денес Комисијата за здравство го разгледуваше Законот, а ставовите ги судрија владини претставници и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата нема никакви забелешки на барањата на производителите да се донесе овој Закон и министерот за здравство Венко Филипче смета дека кога ќе се овозможи извоз, ќе се подобри и економијата бидејќи државата ќе има некаква добивка од тоа. Според плановите, одреден процент кој ќе заврши во државната каса ќе биде искористен за други владини проекти.

Но, идејата наиде на големи критики од опозиционерите во Собранието, кои сметаат дека сега не е време за носење вакви според нив контроверзни Закони, затоа што ова е период кога во државата има техничка Влада. Пратеникот од групата на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ѓорѓиевски тврди дека овој Закон е последица на неконтролирано доделување дозволи на компании да произведуваат канабис за медицински цели. Неговите сопартијци го делат неговото мислење и сметаат дека со ваков Закон бенефит ќе имаат само поединците кои имаат дозвола од Владата.

Во текстот на Предлог-законот освен извоз на цвет од канабис за медицински цели, предвидено е и разграничување на термините „одгледување канабис за медицински цели“ и „одгледување на коноп за индустриски цели“. Се предвидува и основање на Агенција за контрола на одгледувањето и производството на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ