
Македонските граѓани во Ирак чекаат безбеден транспорт, за МНР и надлежните се невидливи
Некои чекаат превоз до безбедното Дубаи, некои веќе успеале да тргнат на долгиот пат кон Македонија. Во Ирак според информациите на Телма има неколку стотици македонски државјани вработени во американските воени бази и во амбасадата на САД во Багдад. Голем дел биле и сведоци на жестокиот напад на двете бази во Ербил и во Аин Ал Асад каде по добиена тревога од највисок степен, ноќта на ракетите ја минале во бункери за заштита. Нема повредени. Голем дел од вработените во базите зеле одмор или осуство, но во моментот чекаат превоз до Дубаи.
Ситуацијата се смирува иако се чувствува и напнатост и неизвесност, велат дел од македонците кои работат во американските бази.
Колку се вкупно не успеа да преброи и да дознае ниту македонската дипломатска мрежа. Од МНР денеска одговорија дека досега на посочените телефони никој не им се обратил ниту пак барал помош од нив. Не може да кажат колку луѓе се затоа што сите се ангажирани преку приватни странски компании. Македонските граѓани главно работат на логистика, во кујна, на одржување на објекти и електрична мрежа, но има и луѓе кои се вработени во обезбедување на воените бази.
Иако некои земји во соседството веќе најавија и одржување на националните совети за безбедност, како Бугарија, во Македонија се уште нема идеи за таква средба на високо ниво. Остануваат само владините осуди за нападите како и апел за воздржаност на вмешаните држави со цел да се спречи воен судир од поголеми размери. За темата блиски исток се разговарало и на средбата меѓу претседателот Пендаровски и гостинот од НАТО, председавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич. Пич го информирал Пендаровски за состојбата во Ирак и во тој регион, стои во соопштението од кабинетот без да се прецизираат повеќе детали. На прашањета за став за состојбата, од кабинетот ни одговорија.
Претседателот ги споделува ставовите на Владата. Состојбата на Блискиот Исток будно се следи, а претседателот е во постојана комуникација со Владата и со сојузниците во НАТО. Секоја понатамошна одлука ќе биде во координација со надлежните национални институции и координација во рамките на НАТО алијансата, во насока на заштита на нашите национални, но и заштита на меѓународните интереси на Северна Македонија, соопшти претседателот.
Македонија нема војници во НАТО мисијата во Ирак, додека останатите регионални соседи постапија различно откако ирачкиот парламент препорача странските војници на западните сојузници да го напуштат Ирак. Хрватите ги префрлија своите војници во блискиот Кувајт, додека Словенците се уште се во базата во Ирак. Единствен проблематичен однос Иран има со Албанија каде се заасолнети повеќе припадници на иранската муџахединска опозиција, поради што Техеран ја смета Албанија за лоша европска земја каде се згрижени нивните непријатели.
Миомир Серафиновиќ