
Прифатено обвинението за организаторите на Крвавиот Четврток
Прифатено е обвинението за организаторите на Крвавиот Четврток. Ова денеска го објави Kривичниот суд од каде велат дека сега се очекува преку АКМИС системот случајот да биде прераспределен кај судија. Како и за оценката така и за формирањето на Судечкиот совет се очекува да бидат донесени судии од други оддели бидејќи скоро сите од организиран криминал веќе беа вклучени претходни случаи поврзани со инцидентите на 27-ми април во Собранието.
Законот не дозволува судиите да се повторуваат па тоа ја одолговлекуваше и оценката на обвинението. Во неколку наврати адвокатите на обвинетите бараа да бидат изземени судии токму поради тоа што законот не дозволува да судат два пати во предмети од ист настан. Инаку Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во мај лани го поднесе обвинение против четворица организатори, екс претседавачот Трајко Вељановски, поранешните минисри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот началник на убк Владимир Атанасовски. Екс премиерот Никола Груевски и Никола Бошковски од петтата управа се во бегство, па иако беа осомничени не се опфатени во обвинението.
Инаку според обвинителството сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, дело за кое се веќе осудени 17 мина. Дел од останатите обвинети во првиот процес меѓу кои и петмина пратеници ги амнестираше собранието со закон токму пред гласањето за уставните измени со кои се промени името на земјава. Обвинителството пак за организаторите смета дека биле креатори на настаните и протестите кои кулминираа со насилство кое се случи во Собранието на 27 ми април.
Билјана Николовска