
Почнува ЕП во ракомет, ексклузивен пренос на Телма
Австрија, Норвешка и Шведска од денеска до 26 јануари се домаќини на европското првенство во ракомет. Македонските репрезентативци првенството го почнуваат утре, а Телма ексклузивно ќе ги пренесува сите натревари. Репортерите на Телма, Павле Беловски, Огнен Чанчаревиќ и Стево Костовски, од терен ќе информираат за атмосферата и се што ќе се случува, пред, за време и по натпреварите.
Нашите репрезентативци напладне пристигнаа во Виена. Селекторот Данило Брестовац рече дека ракометарите се подготвени по втората фаза на подготовки во Словенија каде одиграа два пријателски натпревари. Единствениот проблем, според Брестовац, е повредата на специјалистот за одбрана, Велко Маркоски.
На првиот ден од Европското првенство во ракомет се играат мечевите во А групата и токму овие два дуели ќе можете да ги следите низ директен пренос на програмата на Телма.
Во првиот меч од 18 часот и 15 минути во Грац се среќаваат Белорусија и Србија, а според квалитетот на тимовите токму овој натпревар би требало да решава која од овие две селекции ќе се пласира во следната фаза со оглед на фактот дека Хрватска важи за неприкосновен фаворит за првото место.
Во вториот натпревар во Грац од 20 часот и 30 минути Хрватска игра против Црна Гора, која во пресрет на шампионатот има големи проблеми со составувањето на екипата. Хрватите посакуваат злато на овој шампионат со што би ја комплетирале колекцијата на најсјајни одличја на големите натпреварувања. Во подготвителниот период избраниците на Лино Червар не блескаа, но сепак се очекува токму тука да блеснат во полн сјај.
Двата натпревари денеска ќе можете да ги следите низ директен пренос на програмата на Телма.