
Нема податоци колку македонски граѓани има во Иран и Ирак
Словенија и Хрватска ги извлекуваат своите војници од Ирак, а Црна Гора ќе го одложи нивното испраќање таму откако ескалираа односите меѓу САД и Иран со ракетни напади врз американски бази во Ирак од страна на Техеран. Македонија, како што информира Министерството за одбрана нема свои војници во Ирак.
Но, иако нема македонски војници, во воените бази во Ирак со години наназад работно се ангажираат наши граѓани. Од МНР за Телма информираат дека не е познат нивниот бројот.
„Ангажманот кој тие лица го имаат не е во надлежност на МНР. Постапката при вработувањето се води независно од институциите на Р.С. Македонија. Тие лица конкурираат директно во приватни агенции за работа и имаат склучено договор со надлежните органи на САД или други држави присутни во базите“, се наведува од МНР за Телма.
Побаравме информација од фирмата „Еколог“ колку македнски граѓани преку нив се ангажирани во Ирак, но не добивме одговор.
МНР не располага ниту со информации македонски граѓани во моментов се наоѓаат во Ирак или Иран. Од МНР за Телма информираат дека преку дипломатските канали се преземаат активности за добивање на вакви податоци и оти до сега ниту еден македонски граѓанин кој би можел да се наоѓа во тој регион не се обратил до нив за помош.
Истовремено и од МНР и од Одбрана најостро ги осудија иранските ракетни напади врз американските и коалициските воени бази во Ирак.
„Сметаме дека ваквите неприфатливи постапки дополнително ги зајакнуваат тензиите и го зголемуваат ризикот од воен судир од пошироки размери. Апелираме на максимална воздржаност и преземање на мерки за создавање на предуслови за постепено смирување на тензиите и нормализирање на состојбата“, се наведува од Министерство за одбрана за Телма.
И од двете министерства информираат дека земјава останува во постојани консултации со своите партнери од ЕУ и НАТО околу развојот на настаните во регионот.
За ескпертите одлуките кои ќе се носат во Брисел ќе влијаат врз одлуките во Македонија.
„Одлуките кои ќе се носат во Брисел ќе имаат силно влијание врз одлуките кои што ќе мора овде да се донесат. Меѓутоа како и во Авганиста, така и во другите места каде што биле нашите војници, во договорите што сме ги склучиле сме предвиделе доволно безбедност за нив. Има начини и механизми како државите да го димензионираат своето учество во било која мисија на НАТО. Се разбира покрај правата ние ќе имаме и обврски“, изјави Никола Дујовски, Факултет за безбедност.
Ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран тој вели дека врз Македонија може да влијае со нов бегалски бран.
„Тоа што се случувфа таму многу лесно може да остави одредени влијанија по нашата држава. Во прво време сигурно дека не, меѓутоа за мене веројатно е разбирливо да се зајакне мигрантскиот бран, особено од Иран“, вели Дујовски.
Дујовски последните настани на Блискиот исток не ги толкува како како вовед во нова војна таму, иако вели оти состојбата мора се следи со претпазливост.
Тамара Грнчароска