Македонија „ТНТ“ се поблиску до експлозија
Со разлика од неколку минути, двајца адвокати од предметот „ТНТ“ утрово испратија известувања до медиумите. Јовица Страшевски, бранител на ексградоначалникот Тони Трајковски напишал отворено писмо за судијата поротник Лилјана Ивановска Кочковска, која уште во насловот ја нарекува поранешна затоа што на 24 декември го исполнила 4 годишниот мандат во Кривичниот суд. Го цитира Крсте Петков Мисирков за совеста а цитира и закони во обид да ја убеди поротничката да не се доаѓа на судењата закажани по празниците.
Доколку продолжите да се појавувате на судските рочишта во својство на судија поротник ќе сторите кривично дело лажно преставување согласно член 391 од Кривичниот законик за кое дело е предвидена затворска казна,
пишува во писмото Страшевски.
Мандат на поротничката е престанат по сила на закон по истекот на времето, смета и Страшевски, но и адвокатот на Миле Јанакиевски. Еленко Миланов вели поротничката не смее да се појави на судење и оди чекор понатаму и најавува кривична пријава од одбраната.
Адвокатот Мерџан Даути, кој ја брани Елизабета Најдовска во подолго писмо посочува дека необезбедувањето на превод на албански јазик на документите и доказите е повреда на постапката а при неусогласеност на законите, треба да се применува законот за јазици. Набројува и други забелешки.
Основниот Кривичен Суд Скопје, со недавање на записници и закажување на секој дневни и одржување на рочишта за предметот „ТНТ“, ни забранува да се подготвуваме и да даваме соодветна и професионална одбрана, а тоа е ПРЕСЕДАН за правосудството!,
пишува Даути.
Даути реагира и затоа што за време на празниците, преку веб страната на судот, разбрале дека се закажани дополнителни термини за „ТНТ“ во јануари. Вели има и други клиенти и предмети на кои треба да присуствува.
Од Кривичен и Судскиот совет за сега без коментар. На последните рочишта судиите објаснија дека Судскиот совет е тој што треба да констатира дека мандатот на протниката е завршен и до тогаш нема пречка судењето да си продолжи. За тоа добиле и телефонски уверувања од Советот.
Последниот ден од минатата година беше објавено дека поради ефикасност на судењето и судење во разумен рок судиите во „ТНТ“ закажале 10-тина нови рочиште во периодот од 13-ти до 27-ми јануари. Ден претходно Судски совет ја одложи седницата на која требаше да констаира дека е истечен мандатот на поротничката за 27 јануари.
Главата причина поради која завојуваа судот и одбраната е тоа што овој предмет е во завршна фаза и доколку се смени поротничката ќе почне од почеток.
Елена Ивановска Мукоска



