
Ден на армиските специјалци – уште се „готви“ модернизирањето на АРМ
Модернизацијата на АРМ тешко дека ќе почне до крајот на оваа година. До јули првин треба да се подготви СОП-стратешки одбранбен план кој ќе покаже што и треба на АРМ и каква опрема и вооружување им е потребно, објасни министерката за одбрана Шекеринска.
Претходните 4 набавки за кои беа планирани околу 82 милиони евра и за кои беа потпишани договори, еднострано беа раскинати лани два дена пред заминувањето на тогашниот министер Јолевски. Требаше да се купат оклопни транспортери, комуникациски врски, хаубици и друга воена опрема, но поради несогласувањето на генералштабот чии барања не биле прифатени- модернизацијата запре со раскинати договори.
– Објавивме дека нема да се повторува грешката од 2017 година, да се влезе во набавки без да се знаат приоритетите. Број еден е да се заврши Стратешкиот одбранбен преглед, документ кој доцни долго време. Треба да биде готов до средината на 2018 година. Тој треба да ги дефинира вистинските потреби и приоритети во делот на набавките, изјави министерката Радмила Шекеринска.
Современа опрема и подобри услови се предуслов и за полкот за специјални операции на АРМ, истакна нивниот командант, бригаден генерал Орце Јордев.
И на – 6 степени, армиските специјалци го прославија денот на својата единица. Полкот за специјални операции е елитната единица на АРМ и прва професионална единица која е формирана пред 24 години.
Миомир Серафиновиќ