Законот за јазици во Собрание на 6-ти март

Законот за јазиците најверојатно ќе се најде пред пратениците во вторник, шести март, дознаваме од собраниски извори. ВМРО-ДПМНЕ се уште е на истиот став: законот треба да се повлече и да се организира широка дебата од која ќе произлезе друг, уставен и применлив закон.

Мицкоски ги отфрла шпекулациите дека постои договор со власта да се вратат во  Парламентот и да овозможат гласање на Законот за јазици во замена за укинување на мерката притвор за шестмината пратеници.

Сепак, претседателот на Собранието Талат Џафери верува дека многу скоро Парламентот ќе биде комплетен бидејќи, низ судска постапка, ќе исчезне причината поради која ВМРО-ДПМНЕ бојкотира, а тоа е притворот на пратениците. Во интервју за Топ тема, Џафери не сакаше да прецизира кој ден ќе ја закаже седницата на која е Законот за јазиците, но беше јасен дека нема да дозволи блокада на Собранието со бесконечна амандманска расправа по овој закон.

Ова ќе биде трето читање на законот за јазици. Собранието го донесе без да усвои ниту еден од првичните 90 амандмани. Откако претседателот Иванов не го потпиша указот, ВМРО-ДПМНЕ поднесе нови 35 илјади 569 амандмани. Џафери вели дека на политичкиот став за блокада на законот, очекува политичко решение. Откако ќе ги ислуша сите аргументи, ќе донесе, како што потенцира, неповратна одлука, во согласност со Уставот и со Деловникот.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ