Новата штипска болница поскапа за седум милиони евра

Дополнителни седум милиони евра треба да се инвестираат во новиот објект на штипската Клиничка болница, покажа ревизијата на проектот, којашто ја побара грчата компанија Интеркат пред речиси половина година. Овие пари треба да се инвестираат во електричниот и машинскиот дел, а претходниот проект од 2015 година бил со технологии кои веќе се надминати. Ревидарниот проект на седница на Влада треба да се достави по божиќните празници.

Наместо 30 милиони сега овој објект треба да чини 37 милиони евра, а конечно треба заврши на почетокот на 2021 година. Ова е четврти застој на изградбата на новата Клиничка болница, претходните застои беа поврзани со штипски Бетон, кој се појави како подизведувач на објектот. Проблемите во оваа градежна компанија, која беше најголемиот тендерски корисник на проектот Скопје 2014 се рефлектираа и во овој објект.

Штрајковите на вработените и лошата фианнсиска состојба ја покрена и постапката за стечај на вториот по големина градежен играч во земјава.  Собранитето на доверители на 23 јануари  треба да одлучи дали оваа компанија ќе се реорганизира или ликвидира. Според направениот попис, имотот на штипски „Бетон“ и неговите удели се вредни една милјарда денари, колку што и бараат доверителите.

Анализите покажуваат дека недвижниот имот на градежната компанија „Бетон“ е ставен под хипотеки кај банките.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ