
Едногласно изгласана техничката влада
Избрана е Владата што треба за 100 дена да организира предвремени избори. За неа гласаа 101 пратеник – сите што беа присутни во собраниската сала. Техничкиот премиер Оливер Спасовски вети фер и демократски избори, но и продолжување на почнатите реформи и на економскиот напредок, како и континуитет во функционирањето на институциите.
Со мали измени, ова е истата Влада што ја предводеше Зоран Заев – рекордна по бројот на министри, афери и скандали, реагираше опозицијата.
ДУИ истакна дека нареден приоритет треба да биде неселективната правда и ветинг, без враќање наназад.
Постапката на избор на Пржинската Влада почна утрово по оставката што Зоран Заев ја достави до Собранието.
Спикерот Талат Џафери констатираше дека тоа повлекува оставка на целата Влада.
Претседателот Стево Пендаровски му даде мандат за составување Влада на Спасовски, а тој достави до Собранието три предлога:
Првиот, со состав на новиот Владин кабинет, од кој излезе Кочо Анѓушев а влегоа Наќе Чулев и Рашела Мизрахи како предлози на опозицијата.
Вториот, со програмата на техничката Влада и третиот, со петмина дополнителни заменици министри.
Првите честитки за едногласниот избор на Владата вечерва пристигнаа од претседателот Пендаровски, кој ги покани сите министри во својот кабинет во вилата Водно.
Соња Николовска