Што носи Новата 2020-та на економски план?

Што носи за граѓаните Новата 2020-та година?! За 320.0000 пензионери повисоки пензии за 700 денари, за над 32.000 просветари повисоки плати за 10 проценти. Од денеска официјално почнуваат да „течат“ најавените покачувања на платите и пензиите, но парите на сметка пензионерите и наставниците ќе ги видат во февруари со исплатата на јануарскиот приход.

Со февруарската плата пак, ќе се опарат и медицинарите – ќе им легнат на сметка покачените плати на околу 15.000 здравствени работници.

Но, затоа пак сега  во јануари ќе легнат парите од повисокиот минималец. Тој со декемвриската плата порасна за 2.000 денари од 12.500 на 14.500 денари.

Од денеска граѓаните ќе плаќаат и поефтин роаминг меѓу земјите од Западен Балкан од 9 до 35 проценти. Најефтин ќе биде разговор со Србија.

Ослободени од царина ќе бидат малите пратки до 90 евра, наместо до 45 евра како до сега.

Стапува на сила и данокот за моторни возила.За увоз на возила до 10.000 евра, данокот ќе се мери според тоа колкава емисија на јаглерод диоксид испушта возилото. Данокот е двојно повисок за увоз на дизел возила, отколку тој за увоз на бензинци.

Новина е и тоа што се зголемува прагот со кој се станува ДДВ обврзник. Наместо еден милион како до сега, од годинава границата порасна на 2 милиони денари.

Од јануари пак пораснаа и стапките за плаќање придонеси. За пензиско ќе се плаќаат 18,8 проценти од бруто платата, a за здравство 7,5 отсто, или за 0,5 процентни поени  повеќе од 2019 година.

Од денеска во наредните две години „замрзнува“ и прогресивниот данок. Наместо 15 проценти за повисоките плати од 90.000 денари, се плаќаат 10 проценти персоналец. Нема да се даночат капиталните добивки, куртулија од даночење и каматите на штедните влогови.

А данокот за кириите падна од 15 на 10 проценти. Но, затоа пак остана тој за игрите на среќа, па така за добивките во спортски обложувалници, казина и друго „среќлиите“ ќе плаќаат 15 проценти данок.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ