
Скопје во новогодишната треска
Новогодишната елка и украсите на скопскиот плоштад не беа единствен празничен декор додека се чекаше новата година.
Некои од луѓето понесоа украсни венчиња и ги симболизираа елените на Дедо Мраз, други понесоа цели шишиња со пијалоци – сите ја чекаа 2020 со насмевка.
На големата бина на плоштадот повеќе од два часа им пееше Дино Мерлин. Според проценките, таму на едно место беа собрани над 50 илјади луѓе со слични очекувања за во иднина. Успех очекуваат на приватен план, а за друго не коментираат многу.
Забавата со гостинот од Сараево запре кога граѓаните се подготвуваа за неколку минути да си честитаат Нова година и да го гледаат традиционалниот огномет или пак да го снимат со своите мобилни телефони.
Некој утринава одмара по синоќешната прослава. Но, не и овие редовни посетители на традиционалното дебармаалско катче Идадија, во првиот ден од новата година. Играа оро, се веселеа, а одбраа и кум традиционално.
Новогодишната ноќ беше оценета како релативно мирна и од оние7 коишто работеа ноќеска – докторите и полицајците.
За тоа да не се промени и во следните празнични денови, остануваат на препораките за одговорно конзумирање алкохол и во претстојната недела.
Петар Догов