Догодина ќе се знае името на техничкиот министер за внатрешни работи

Граѓаните годинава нема да дознаат кој ќе биде технички министер за внатрешни работи. Партиските препукувања се очекува да траат и следните два дена, особено по денешните изјави во кои нема отстапување од ставовите.

За министерот Оливер Спасовски, кој од трети јануари треба да биде технички премиер, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ,  полковникот Драган Ковачки да да ја заземе министерската позиција во МВР, е надвор од Уставот.

За другите предлози од опозицијата, Спасовски начелно нема забелешки.

Вели дека се` уште има време да се постигне договор и дека имаат намера, изборите да се одржат на 12 април, како што е договорено.

Во телефонски разговор, и  Заев побарал од Мицкоски, до втори јануари  да предложи ново име за технички минстер  за внатрешни работи.

Но, од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека засега остануваат на својот став дека Ковачки е најдоброто решение. Им порачуваат на СДСМ, подобро да го протолкуваат Уставот.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ ја предложија Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија за министер за труд и социјална политика. За заменик-министер во Информатичко општество и администрација – актуелната пратеничка Невенка Стаменковска, во финансии  – Гордана Кочоска, магистер по економски науки,а во ресорот земјоделство – Цветан Трипуновски, поранешен пратеник. 

Од СДСМ минатата недела соопштија дека, покрај  Оливер Спасовски, кој ќе биде технички премиер, Мила Царовска ќе биде вицепремиер за економски прашања. Заменик-министер во МВР ќе биде Славјанка Петровска, досегашен шеф на кабинетот на Спасовски, а заменик-министер во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ, исто така актуелен шеф на кабинетот на министерката Царовска.

Техничката влада треба да се формира најдоцна до 3 јануари, односно в петок, кога премиерот Заев треба да си поднесе оставка.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ