
Промовирана единицата за интервентна полиција
За безбедноста на скопјани од денеска ќе се грижи нова Единица за интервентна полиција.
Во неа се споени досегашната Единица за јавен ред и мир, Единицата за прв одговор и интервенција, „Алфи„, и Единицата за асистенции, спровод и обезбедување на транспорт. Единицата, која беше промовирана денеска во полицискиот центар Ѓорче Петров, ќе биде надлежна за следење на состојбите од областа на јавната безбедност на подрачјето на Секторот за внатрешни работи.
Ќе презема дејствија и мерки од областа на јавниот ред и мир, спречување на криминалитет и постапување по барање за асистенции за спроведување на извршна одлука.Засега ќе делува на територијата на градот Скопје, а доколку има потреба, ќе се формираат слични единици и во другите градови.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, очекува со новата единица да се зголеми безбедноста, со оглед на тоа што ќе има поголемо присуство на униформирани полициски службеници на територијата на Скопје.
Анализите покажале дека, секаде каде се формирани овие единици има значително намалување на криминалот. Единицата е формирана според моделот на интервентната полиција во Загреб, Хрватска.