Евротинк: Поддршката за ЕУ и натаму висока

Поддршката за Европската унија и натаму останува висока и покрај француското противење на Македонија да и се даде датум за почеток на преговори, што се случи на последниот самит на Унијата во октомври. Анкетата на Евротинк покажува дека 66 насто од граѓаните сметаат дека членството во Унијата е добра работа, а вината за недобивањето датум, најмногу од анкетираните ја гледаат во недостигот на внатрешни реформи, а само една четвртина сметаат дека Македонија не доби датум поради внатрешни случувања во самата Унија.

Сепак, расте бројот на оние кои сметаат дека Унијата не е фер кон Македонија

Освен односот кон Европската унија, измерена е и довербата во институциите. Граѓаните најмалку веруваат во правосудството. 71 насто од луѓето не веруваат во правосудството, а веднаш потоа се политичките партии и собранието.

Од друга страна, граѓаните најголема доверба имаат во војската, потоа во претседателот и во граѓанските организации.

Ова е трета анкета на Евротинк годинава, направена веднаш по негативната одлука од самитот на Европската унија во Брисел. Телефонски се анкетирани илјада испитаници, во преиодот од 13 до 26 ноември годинава.

Бројките од анкетата покажуваат и дека граѓаните се оптимисти дека Македонија на преолет ќе добие датум за почеток на преговори. Овој оптимизам е најголем меѓу приврзаниците на владејачките СДСМ и ДУИ.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ