
Фени оди пред арбитражен суд
Случајот Фени добива нова димензија. Два дена откако се рестартираше производството во комбинатот, владата информира дека Кунико Ресорсис покренал тужба против Македонија пред арбитражниот суд во Вашингтон. Детали за тужбата не се откриваат. Пред независниот трибунал на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови на Светска Банка, нашата земја ќе ја брани интернационалната компанија White and case од Вашингтон.
„Со цел заштита на правата и правните интереси на Македонија по повод поведената арбитражна постапка, Владата пристапи кон активности за заштита на интересите на Макеоднија. Формирано е координативно тело за да се надмине затекнатата состојба со некоординираност на институциите во врска со овие постапки, кажа Миле Бошњаковски – портпарол на Влада.
Компанијата White and Case има искуство во над 100 инвестициски арбитражни спорови, но владата не открива за која цена ќе биде ангажирана во овој случај. Уверуваат дека постапката која вообичаено трае многу долго, нема да влијае на обидот да се најде нов инвеститор за фени.
„Иако предметот е се уште во иницијална фаза, Владата е на став дека наведената постапка не може да влијае на промените кои се однесуваат на сопственичката структура на Фени индустри“, соопштија од Влада на РМ.
Кунико ресорсис го презеде Фени во 2004 година, но пред неколку недели во комбинатот влезе швајцарската компанија Џи Сол која ја зема фабриката под закуп на 6 месеци. Тогашниот главен директор на ФЕНИ Јусуф Миракмедов доби две кривични пријава поради сомневање за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, измама, оштетување на доверители, така што отуѓувајки производи од фабриката им нанел директна штета на кредиторите од околу 30 милиони евра. Миракмедов кој е од Киргистан има холандско државјанство, ја напушти Макеоднија уште на 29 октомври.
Виолета З Стојановска