Полицијата трага по член на Судскиот совет, осомничен е за злоупотреба на положбата

Десетина службени лица вработени во секторот за урбанизам во општина Тетово се под истрага на Одделот за организиран криминал при МВР и Oбвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Освен овие десет лица, полицијата го бара и членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски. Сите се осомничени за злоупотреба на службената положба, односно незаконска легализација и за приватизација на атрактивно државно земјиште. Станува збор за бесправна легализација на поранешното Тениско спортско Здружение Љуботен Тетово, чиј поранешен претседател е членот на Судскиот совет. Со незаконската постапка на приватизација на земјиштето е предизвикана сериозна шетата на Буџетот. Објектот наводно го поседува судијата Теофиловски под друго име. Тој е зет на поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, позната од бомбите по соработката со Груевски за време на изборот на судии.

Теофиловски утринава не присуствуваше на седницата на Судскиот совет. Истата беше одложена, но не поради неговото отсуство, туку затоа што новиот член на Советот не бил запознаен со кандидатите, па му оставиле време и седницата ја закажале за по новогодишните и божикните празници. На денешната седница на Советот требаше да бидат избрани судии во Апелацискиот суд.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ