
Полковникот Ковачки во канџите на политичките игри
Биографијата на полковникот не е спорна за да застане на чело на МВР, но членот 97 од Уставот се користи за оневозможување на политичкиот почеток на Ковачки и тоа не во својот ресор-одбрана туку во врвот на МВР и полицијата. Во ВМРО-ДПМНЕ се на став дека Драган Ковачки е врвен професионалец од областа на безбедноста кој треба да застане на чело на МВР, де за да го гони криминалот на раководството на СДСМ, де за да како технички министер спроведе избори.
Заев вели дека прво треба да се провери уставноста на предложениот офицер за министер за внатрешни бидејќи не е цивилно лице три години, како што пропишува Уставот.
Пред воопшто да се разгледува неговата биографија, пред се мора да се осигураме дека преземаме чекори кои се во согласност со нашиот Устав. Време до трети јануари има, ќе продолжат разговорите со опозицијата, верувам дека оваа дилема брзо ќе се расчисти. Ги слушаме експертите, целата јавност веќе зборува за тоа. Ако е очигледно дека ова предложено решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува, сигурен сум дека опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле,
вели Заев во интервју за Дојче Веле.
Но времето е кратко, а од партиите не откриваат дали се слушнале двајцата лидери на темата Ковачки. Интересно е дека за Али Ахмети немаше никаков проблем за предлогот за полковник од АРМ да го води МВР во изборниот период. И од партијата на Ахмети има сличен пример, заменик министерот Беким Максути како офицер со една година армиски прекин стана заменик министер во одбрана пред три години, избран во време на ВМРО-ДПМНЕ, а продолжи и со СДСМ.
(Исправка: Максути во армискиот состав беше до 2011-та, а наредните 4 години беше вработен во Министерството за одбрана. По изборите во 2014-та, ДУИ го предложило за заменик министер за одбрана но поради членот 97 од Уставот не бил прифатен од тогашниот мандатар Никола Груевски. Во 2015-та Максути го напушта Министерството, а после една година е избран како заменик министер)
Но најголемите преседани сепак се на улица Димче Мирчев, во 2004-та министер стана дотогашниот директор на УБК Силјан Аврамоски, во 2015-та по Диво Насеље, директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков беше избран за министер за внатрешни работи. Уставен суд се прогласи за ненадлежен да одлучува по претставка за противставноста на назначувањето на Силјан Аврамовски.
И други вработени од одбрана или во воената разузнавачка служба се префрлале во МВР, иако не на лидерската позиција. 2006-та цел тим од воената безбедност на чело со Сашо Мијалков, а дополнет со Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Никола Бошкоски се преселија во УБК и пред се во 5-тата управа, која го водеше прислушувањето.
Истиот период униформата на АРМ ја заменија со полициска униформа на специјалци на раководни места офицерите Антонио Станковски и Сашо Митевски. Дури и Оливер Андонов, десетчасовниот министер за внатрешни има минато во АРМ како подофицер, но меѓу двете функции имал поголем прекин. 2005-та мајорот Стојан Славески стана директор на агенција за безбедност на класифицирани информации, потоа кратко се врати во АРМ, па стана цивил, а од 2017-та е на истата позција.
Но досега немало офицер кој првата политичка прекоманда ја добива како министер за внатрешни работи. Политиката така му ја сплете приказната на полковникот Ковачки. А во армијата има солидна кариера, бил специјалец во волците и тоа во кризната 2001-ва, специјализирал во разузнавањето, има повеќе високи школи и едно предизборно унапредување во командант на Механизираната бригада, која од новиот претседател Пенадровски беше поништено, а антикорупциска отвори постапка против Иванов.
Дел од воените колеги за Ковачки велат дека е коректен, правичен, професионалец со вистински пат во кариерата, иако други пак велат дека со предлогот сега е фрлена голема политичко-партиска дамка на неговото армиско досие без дамка.
Миомир Серафиновиќ