Антикорупционерите со лажни налози добивале повеќе пари за патни трошоци

И антикорупционерите трошеле за патување од внатрешноста со лажни патни налози. Ова го открила внатрешната ревизија која ја извршила УЈП а до која дојде порталот сакам да кажам. Според резултатите од ревизијата На членовите на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата била со неверодостојни патни налози. Дел од нив и воопшто не доаѓале на работа туку само кога имало седници, иако тие се вработени кои земаат редовна месечна плата како сите вработени. Дел од нив пак поднесувале три патни налози за ист ден. Но ревизијата открила и дека додека членовите на комисијата биле во странство прикажувале налог како да се на седница на комисија. 

„Била вршена исплата врз основа на неверодостојни патни налози, при што ненаменски се исплатени буџетски средства за надомест на трошоци за сопствено возило кои не се засноваат на веродостојна сметководствена документација. Членовите на Антикорупциска кои не живеат во Скопје покажувале повеќе километри за да стигнат до Скопје и притоа добивале повеќе пари за трошоци. Член на комисијата за секое одење на релација Гостивар-Скопје-Гостивар прикажувал 16 километри повеќе во еден правец. Се покажувале и повеќе километри за одење и враќање од Скопскиот аеродром и по тој основ биле исплатени 24.259 денари“, стои во Извештајот од ревизија во ДКСК.

Се ова го содржи во внатрешната ревизија на регуларноста на плати и други надоместоци за 2016, а веродостојноста на податоците за Телма ги потврди и претседателот на комисијата Игор Тантуровски. Тој не сакаше да коментира зошто антикорупционерите трошеле ненаменски, но вели дека овој извештај бил за интерна употреба а не за јавна.  И од УЈП која ја вршела ревизијата не откриваат што точно содржи.

„Секторот за внатрешна ревизија на УЈП извршува ревизија во Државната комисија за спречување на корупција врз основа на Договор за вршење на ревизија од 25.02.2009 година. По извршената ревизија, извештајот се доставува до ДКСК којашто е сопственик на извештајот. Секторот за внатрешна ревизија на УЈП не може да дава информации согласно Етичкиот кодекс на внатрешните ревизори, принципот на доверливост и Повелбата за внатрешна ревизија“, соопштија од Управата за јавни приходи.

Инаку ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015. Инаку до 2015, на членовите на Антикорупциската комисија не им се исплаќале патни трошоци затоа што надоместок за вработени лица е укинат во 2009 со воведувањето на бруто плата. Собраниска комисија одлучила дека сепак на антикорупционерите им следуваат патни трошоци па  ДКСК веднаш исплатила околу 5.000 евра ретроактивно.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ