
Протоколот за НАТО ќе се ратификува предвреме
Македонија предвреме ќе го ратификува Протоколот за НАТО. На денешната седница Владата го утврди текстот на предлог-законот, кој ќе биде веднаш испратен во Собранието, а се очекува и таму да биде усвоен во најбрз можен рок. По објавувањето во „Службен весник“ ќе биде депониран во Вашингтон, а ќе стапи на сила откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во алијансата. Текстот за ратификација на Северноатланскиот договор е потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година.
Одлуката е донесена по усложнувањето на политичката ситуација во Шпанија, каде е се потешко да се очекува дека до Нова година ќе се формира стабилна влада, како и сега веќе извесните избори во Македонија. Парламентот треба да се распушти на 11 февруари, и беше неизвесно дали до тогаш Шпанија ќе ја усвои ратификацијата.
За „предвремената ратификација“, што првично како идеја ја пласираше ВМРО-ДПМНЕ, премиерот неодамна изјави дека е опција што вреди да се разгледа, но дека иницијативата за тоа треба да произлезе од владата, што денеска и се случи.
Вицепремиерката Шеќеринска исто така повика, Парламентот да биде подготвен да се состане и без оглед на изборните процедури, да го ратификува протоколот. Но, претседателот на Собранието, изјавуваше дека ратификација со одложено дејство не е можна и дека треба да се почека тоа да го стори следниот парламентарен состав.
Далиборка Демјанска Цветановска