
Запленети 143 килограми марихуана- СЕЛЕК го награди МВР за успешна македонско-грчка акција
Во две засебни акции полицијата заплени 143 килограми марихуана и уапси 8-мина кои ја пренесувале дрогата.
4-ца жители на Студеничани се приведени откако за 9 илјади евра прифатиле да пренесат 55 килограми марихуана од Албанија за Грција. Покрај нив во акцијата во Дебар и во Маврови Анови уапсени се уште двајца македонски државјани и еден албански државјанин. Пазарната вредност на 55-те килограми марихуана е околу 150 илјади евра, соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски.
-Вчера во Маврови Анови, во близина на браната, на патниот правец Дебар – Гостивар, по преземените оперативни мерки и спроведената акција, од слобода се лишени четири лица Е.Д. (31), Б.Р. (41), М.Р. (32) и И.Ј. (32) од село Студеничани, скопско, кои што со две патнички моторни возила марка „Ауди“ и „БМВ“ ја преземале марихуаната од Дебар и требало да ја транспортираат до Солун, за сума од 9.000 евра. Веднаш потоа, преземени се дополнителни активности на подрачјето на Дебар, при што од слобода е лишен Р.Д. (49) од с.Блата, Република Албанија, кој на илегален премин ја внел дрогата во државата. Од слобода се лишени уште две лица од Дебар, Ѓ.Ј. (27) и Ѓ.Ј. (26), кои ја преземале дрогата од државјанинот на Република Албанија и ја предале на лицата од Студеничани- рече Лазе Велковски,
Вчера е уапсен и возач на камион од Албанија кој со камионот се обидел да прошверцува 88 килограми марихуана преку граничниот премин Деве Баир.
-Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во соработка со Царинската управа, сопреле за преглед товарно моторно возило со приколка со албански национални и регистарски ознаки, управувано од приведениот. При прегледот дрогата во вкупна количина од 88 килограми, спакувана во најлонски фолии била откриена во внатрешноста на приколката- соопшти Велковски.
На снимката на МВР се гледа дека марихуаната била сокриена во специјално направен простор во пречките на оградата од камионската приколка.
По целосно документирање на случаите против сите приведени лица, а во координација со надлежните Основни јавни обвинителства, ќе бидат поднесени пријави по член 215 од КЗ на РМ.
Пред прес конференцијата, врвот на МВР се сретна со директорката на регионалната организација СЕЛЕК, а македонската полиција за претходни активности доби награда за најдобра регионална акција за откривање на марихуана.
Македонските инспектори за борба против шверц на наркотици преку СЕЛЕК во рамките на акцијата „АЛИАС“ соработувале со грчките полициски служби, а како резултат на соработката уапсени се 27-мина осомничени, додека запленето е:251,5 килограми марихуана, 1 кг. хероин и 250 грама кокаин.