
Јанушев: Централниот и Извршниот комитет му дадоа едногласна поддршка на Мицкоски да биде новиот мандатар
Извршниот и Централниот комитет едногласно дадоа доверба на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. Д-р Христијан Мицкоски да ги води разговорите и да ги даде предлозите во однос на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за идни министри, односно заменици или дополнителни министри во техничката влада, им соопшти вечерва на новинарите Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Целта на овие луѓе ќе биде да се погрижат за фер, демократски и целосно транспарентни избори кои ќе се одржат на 12 април .
- Второ, Централниот и Извршниот комитет даде целосна едногласна поддршка на Претседателот на партијата Христијан Мицкоски да биде новиот мандатар односно кандидат за мандатар по завршување на изборите на 12 април, на кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува убедлива победа, рече Јанушев.
И трето, Централниот и Извршниот комитет на партијата едногласно го усвоил и годишниот извештај за работа на Претседателот Мицкоски и исто така на негов предлог, од Кабинетот на претседателот Мицкоски беше разрешен соработникот Томислав Димитровски кој што е познат на јавноста по еден немил настан кој што се случи во изминатиот период.
Јанушев истакна дека во однос на предлогот на Заев за трампа на кандидат за мандатар за неговиот предлог за изборен модел, треба сега и секогаш да знае дека оваа пазарџиска политика ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа.