
Скриените давачки преголем товар за компаниите
Од 50 денари до 18 милиони денари или речиси 300.000 евра – толку може да плати една компанија во земјава по државните институции за такси, надоместоци, дозволи, одобренија, лиценци. Бизнисот алармира дека скриените давачки се преголем товар за стопанството и бараат итна реформа и нивно намалување.
Во Македонија 99,7 проценти се мали и средни претпријатија каде што парафискалните давачки претставуваат поголем товар и во процент и од фискалните давачки,
вели Неби Хоџа од Комора на северозападна Македонија.
Парафискалните давачки кај малите и средни претпријатија тие најчесто надминуваат дупли износ од она што компаниите го плаќаат за даноците на годишно ниво. Тоа знае да е значителен трошок за компаниите и е нешто кое е потребно под итно да се адресира и да се направат реформи во насока на намалување на овие парафискални давачки,
вели Данела Арсовска од ССК.
Компаниите најмногу се жалеле на тоа што два пати плаќаат и здравствено осигурување за работникот и секои 18 месеци за систематски преглед. Потоа за тоа дека се превисоки трошоците за одржување на фискалните апарати како и за фирмарината која ја плаќаат на општините која е иста и за фирма со 1.000, но и за компанија со еден вработен.
Од Институтот „Финанце Тхинг“ пак кои ја правеа анализата велат дека некогаш времето за менаџирање со овие скриени давачки е многу поголем товар за компаниите и од финансискиот.
86 проценти од поднесоците се уште се поднесуваат на писарница, шалтер или архива, помалку се оние кои се дигитализирани и електронски се поднесуваат. Непостоењето на централно тело кое би ги координирало парафискалните давачки создава проблем на понатамошна рационализација на парафискалните давачки и зголемување на ефикасноста,
вели Благица Петрески од „Финанце Тхинк“.
Од Владата ветуваат дека работат на нивно намалување.
Ние ќе ги анализираме и секако наредната година таму каде што ќе има простор ќе ги укинеме,
вели Крешник Бектеши министер за економија.
Анализата покажала дека најмногу скриени давачки има во Министерството за земјоделство 59, па во животна средина 49, а најмалку во Царина – една.
Александра Филиповска