Нема избори во април без деблокирање на законите

Нема оставка од премиерот Заев за одење на предвремени избори, доколку опозицијата продолжи да ги блокира законите во Собранието. Заев денеска повторно предупреди дека без носење на суштинските закони за граѓаните во Собранието до крајот на декември можеби нема да има избори.

Јас сум првиот што секогаш го почитувал дијалогот и имам намера целосно да го испочитувам, но нема намера да ја понесам оставката ако некој ги блокира ваквите процеси, а без поднесување на оставката нема започнување на сите постапки,

рече Заев.

За Заев правото на дебата постои, но намерно блокирање на процесите, што како што вели го прави опозицијата, е недозволиво. Тој рече дека в петок централниот одбор на партијата ќе расправа за името на техничкиот премиер и другите позиции во владата согласно Пржинскиот договор, што според него е јасна волја дека СДСМ е за избори.

Ние сме за избори и треба да се завршат, но ние нема да дозволиме интерсот на било која партија или политички субјект да биде доведен во прашање затоа што некој има некоја скриена агенда, кое што може да биде дури и легитимна, само да не е на штета на граѓаните на државата,

рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ му возвратија дека всушност тој има агенда да ги одложи изборите.

Заев е уплашен и се плаши од соочување со народот. Го повикуваме да не ја носи Македонија во длабока и тешка политичка криза за која само тој ќе е одговорен. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати коцкарската игра на Зоран Заев и нема да прифати уцени,

рече Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Николовски не одговори дирекното на обвинување од Заев дека одложувањето на изборите би било поради блокадата на законите од страна на ВМРО-ДПМНЕ, туку му врати дека само си бара алиби за тоа.

Следното алиби кое што го креира Зоран Заев, на неколку недели пред распуштањето на Собранието, е поднесувањето на стотици закони во собранието, повеќето од нив со скандалозна содржина, штетна за граѓаните и апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНE,

изјави Николовски.

Телма дознава дека во ВМРО-ДПМНЕ се размислува за опцијата за напуштање на Собранието со што ќе му се остави простор на владеачкото мнозинство да ги донесат законите и да се оди на избори на 12 април.

Владата месецов до Собранието на усвојување поднесе 125 закони и законски измени меѓу кои за Изборниот законик, Законот за Академијата за судии и обвинители, како и за јавно обвинителстката служба, на што ВМРО-ДПМНЕ, но и ДУИ одговорија поднесување на околу 10.000 амандмани. 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ