Македонија Филипче ќе предложи побрзо воведување вонредни мерки при зголемена загаденост
Министерот за здравство ќе иницира на владино ниво да се разговара за намалување на критичните граници коишто со себе повлекуваат и воведување вонредни мерки заради големо загадување на воздухот. Вонредните мерки ги опфаќаат луѓето коишто работат надвор и ним им се реорганизира работното време, се забрануваат спортски натпревари на отворено, се намалува употребата на службени возила за 50%. Во овој момент, границата дефинирана во правилникот на Министерството за животна средина е 175 микрограми ПМ честички. Ако два последователни дена воздухот е загаден повеќе од тоа, а за следниот ден не се прогнозираат поволни временски услови, тогаш се вклучува и црвениот аларм.
За докторите логични се ваквите иницијативи на министерот. Она што сепак го потенцираше Ангелчо Андоновски, директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, е дека нема ниту една државна студија во која опширно се објаснети ефектите на аерозагадувањето. Тоа што постои како научен труд е сработено самоиницијативно од докторите коишто се ентузијасти за тоа и самите се ангажираат. Во „Козле“ секојдневно има стотина пациенти на преглед со потешкотии поврзани најмногу со загадениот воздух.
Аерозагадувањето се дискутираше и на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски. Активистите неколку недели се мобилизираат, а двапати организираа и протести со рута од пред Министерството за животна средина, па се до Владата. Една од главните мерки на Владата е субвенционирање на еколошки начини на греење со инвертер-клими, а доделувањето ваучери ќе започне од следниот месец. Аткивистите имаат цела листа на барања и очекуваат порадикални мерки од властите.
Петар Догов



