Додека Грчец и Арачиново ги расчистуваат сметките, скопјани ќе имаат непроспани ноќи

Две криминални групи од две села на различни краеви од Скопје продолжуваат со борбата за превласт во подземјето и со меѓусебните пресметки и престрелки  поради кои граѓаните немаат мир.

Ноќеска едно лице е рането откако напаѓач или напаѓачи го начекале во заседа  кај селото Бардовци и пукале со автомати во неговиот џип „мерцедес“.

Станува збор за Борис Мутков викан „Фантом“ кој со неколку прострелни рани е префрлен во болницата „Систина“.

Оттаму соопштија дека политика на болницата е да не даваат информациии околу здравствената состојба на нивните пациенти и карактерот на нанесените повреди.

Она што е јасно е дека синоќешните пукатници се продолжение на серијалот вооружени пресметки меѓу криминалните групи од Грчец и Арачиново.

Мутков, кој се поврзува со арачиновската банда, беше долгогодишен пријател и соработник на криминалецот Џелал Ајети – Џељо водач на криминалната група „Беланоца“.

Од МВР соопштија дека  во врска со нападот е приведено едно лице, дваесет и тригодишник од селото Грчец а министерот Спасовски пак потврди дека станува збор за пресметка меѓу две криминални групи и истрагата треба да утврди дали станува збор за одмазда за вооружениот инцидент во хотелот „Александар палас“.

Мутков, пред околу два месеци беше брутално нападнат и претепан од членовите на криминалната група од Грчец во една дискотека во центарот на градот. Потоа тој замина од државата и се врати неодамна.

Мутков беше во првата група на обвинети на кои им се судеше за настаните од 27-ми Април и доби условна затворска казна.  

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ