
Демонстрантите од пред Собранието побараа итен прекин на преговорите за името
Итен прекин на преговорите за името, повлекување на законот за употреба на јазиците и на договорот со Бргарија, како и амнестија за притворените за настаните од 27 април побараа вечерва илјадниците учесници на протестот за одбрана на името, нацијата и идентитетот.
Протестниот марш што беше предводен од владиците Петар и Агатангел, Тодор Петров, Сотир Костов и Виолета Ачковска, почна пред седиштето на Европската комисија во Скопје, а заврши пред Собранието. Доколку Владата не ги прифати барањата, бараат самораспуштање на Собранието и одржување на вонредни парламентарни избори.
Владиците повикаа на семакедонско помирување и обединување, но и на зачувување на идентитетот и јазикот.
На протестот се обраќаа и претставници од дијаспората, кои порачаа дека, иако се далеку од дома, ја сакаат татковината и секогаш ќе ја бранат. Барањата и пораките од протестот ќе бидат доставени до Собранието, владата и претседателот на државата, како и до Европската комисија.
Далиборка Демјанска