
Наместо на шалтер – документи се добиваат и по електронски пат
Со неколку клика на компјутер од дома – до документот за кој треба да изгубите часови, дури и денови шетајќи по државните шалтери. Извод од матична книга на родените, умреница, венчаница, потврди за разни надоместоци од Министерството за труд, документи за ученички, студенски стипендии, потврди од работен однос, потврди од Централен регистар, Агенцијата за вработување и уште многу други документи сега можат наместо од шалтер да се добијат електронски.
- Оние кои што се веќе регистрирани во УЈП за електронски даноци, а тоа се над 1 милион граѓани тие не треба ништо. Со тоа корисничко име и со таа лозинака, слободно може да се најават уште сега, денес на Националниот портал за електронски услуги и сите услуги им се достапни. Различно е нивото за безбеднст за различни услуги. За некои е тоа доволно, но ако сакаат да извадат одредени документи кои што ги поседуваат нивните лични податоци треба да поседуваат дигитален сертификат“.- вели Манчевски.
Пензионерите кои земаат само пензија и други граѓани кои не се во системот на УЈП можат да отворат кориснички профил во канцелариите на министерството во општините низ земјава. Манчевски вели дека електронски ќе се пријавуваат и граѓаните кои наскоро треба да аплицираат за државни пари за клими – инвертори. Мерка која Владата ја најави како дел од борбата против аерозагувањето.
Но, за пасош и лична карта сепак ќе мора да се оди и лично до МВР.
- Токму тој дел сега го работиме, тоа се следните услуги кои ќе бидат достапни пред крајот на оваа година ќе се обидеме, ако не на почетокот на јануари. Целото барање за нов документ, целата апликација ќе биде електронска. Граѓаните ќе мораат сепак да отидат физички да дадат отисок од прст, да се сликаат и да го подигнат документот. – вели Манчевски.
Во моментов се достапни 127 услуги од државните институции, од кои 70 веќе постоеле, а 57 се сосема нови, но надлежните велат бројот ќе расте. Се очекува до крајот на наредната година, да бидат достапни околу 300 услуги.
Александра Филиповска