
За МВР фингирано киднапирање а ОЈО Битола поднесе пријави против 3 лица
За ист настан, битолчанец кој беше киднапиран во Скопје, различни квалификации и различни соопштенија на МВР и ОЈО.
Полицијата најпрво го приведе битолчанецот за фингирање на сопственото киднапирање, а по неколку дена обвинителството побара притвор за неговите киднапери.
МВР во соопштението од 16 декември наведува дека ден претходно, во скопската населба Шуто Оризари 29 годишниот М.К. од Битола е приведен под сомнение дека е вмешан во фингирано грабнување
Неговиот татко пријавил дека син му е жртва на грабнување и изнуда, но полицијата утврдила дека случајот е фингиран од синот и уште неколку лица со цел да се изнудат пари од неговите родители.
М.К бил приведен додека влегувал во неговото возило Алфа Ромео, а кај него биле и дел од парите предвидени за наводниот откуп и претходно технички обработени, се наведува во соопштението на МВР
Три дена подоцна, обвинителството соопштува дека поведува постапка против три лица за изнуда и за нив бара 30 дневен притвор.
Тројцата осомничени го затвориле битолчанецот во стан во скопската населба Аеродром, го тепале, го сечеле со жилет по грбот, а на раните му турале сол и парфеми. Потоа од неговите родители побарале 40 илјади евра за да го ослободат, а мајката донела 1600 евра и ги оставила во возилото алфа ромео паркирано во Шуто Оризари, пишува во соопштението на ОЈО.
За ова денеска реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека МВР ја гони жртвата, наместо криминалците.
– Имаме сечење со жилети и изживување, а МВР воопшто не тргна против насилниците и криминалците. Што треба да се случи за Спасовски и неговите соработници да понесат одговорност? Ова е срам за полицијата, без разлика дали е сторено намерно за да се заштитат криминалците или заради неспособност, рече Орце Георгиевски, ВМРО-ДПМНЕ
По предлог на битолското обвинителство, судија од Oсновен суд во Битола на тројцата осомничени им определи притвор од 30 дена.
Емилија Мисирлиевски