
Европски пари за подобра балканска инфраструктура
Покажува ли Европа и на дело дека е навистина подготвена да му подаде рака на Западен Балкан, поддршката не е само декларативна, туку и конкретна финансиска, за изградба и обнова на инфраструктурата. Првиот финансиер Тевдовски во својот куфер од Инвестицискиот самит од Лондон носи поптпишан договор за 86 милиони евра од втората транша од заемот на Европската банка за обнова и развој. Со парите ќе се реконструираат над 400 километри на 26 регионални и локални патишта.
„Соработката со Европската банка за обнова и развој ќе придонесе за подобрување на транспортните врски во земјата, но и за регионално поврзување“, изјави од Лондон министерот за финансии Драган Тевдовски.
ЕБОР е задоволна што вложува во инфраструктурата во земјава, а така и во регионална интеграција.
„Тоа ќе ја олесни трговската размена и ќе ги подобри условите за водење бизнис“, вели Сума Чакрабарти, претседател на Европската банка за обнова и развој.
Побезбедни патишта, но и ангажирање на градежните компании од земјава како изведувачи и подизведувачи се владините очекувања.
Балканот ќе се поврзува и енергетски, вицепремиерот Анѓушев порача дека нашите земји се мали за да настапуваат независно, нивната иднина ја гледа во енергетски регионален пазар. Единствена регионална берза и универзален снабдувач за електрична енергија и гас е вистинско решение, но дотогаш да работиме на отстранување на административните бариери. Посветени сме на обновливите извори на енергија, тврди Анѓушев.
„Очекуваме дека ќе ги воведеме премиум тарифите со новиот Закон за енергетика и наместо сегашните 16,8 мегавати инсталирана снага во фотоволтаици, во наредните две до три години ќе инсталираме 200 мегавати, а притоа да не ги зголемиме цените на електричната енергија за гражаните, што е многу важно, затоа и го применуваме европскиот премиум, што ќе биде тендерски критеруим“, вели Анѓушев.
Истиот модел ќе биде применет за ветерните електрани, вели вицепремиерот, со што значајно ќе се зголеми енергетскиот капацитет на земјава.
На самитот организиран од ЕБОР за 6-те балкански земји беше претставена и Регионалната инвестициска платформа, замислена како централна точка од која потенцијалните инвеститори ќе ги добиваат сите потребни информации за Западен Балкан – макроекономски показатели, правната рамка, пазарот, финансиски стимулации, како и конкретни тендери каде што ќе може да учествуваат.
Нина Нинеска-Фиданоска