Еуромакс рисорсис најавува тужба за државата поради едностраното раскинување на договорот

Канаѓаните од „Еуромакс ресорсес“ на кои Владата еднострано им го раскина договорот за рудникот Иловица и одлуката утринава ја објави во Службен весник – бараат средба и спогодба со Владата. Во спротивно ќе одат на меѓународен суд, но не кажуваат за колкав износ ќе тужат. Велат се работи за значителен износ кој ќе биде голем товар за земјава.

Компанијата ќе ги искористи сите можни правни лекови кои ги има во земјата, и сметаме дека имаме многу силен случај и дека правдата е на наша страна,

изјави адвокатот на компанијата Габриел Лански.

Иако, Министерството за економија постојано тврдеше дека условите за раскинување на договорот се исполнети, од „Еуромакс ресорсес“ се повикуваат на ставот на Владата дека ќе ја чека одлуката на Управниот суд, но потоа договорот се раскина без епилог од Управниот суд. Токму поради тоа сметаат дека станува збор за  политичка одлука. Но не го коментираат тврдењето на активистите, кои  сметаат дека странскиот инвеститор вршел притисок врз Владата, бидејќи и покрај ставот на Министерството за економија дека условите за раскинување се исполнети, договорот долго време не беше раскинат.

Самиот факт што одлуката на Владата е спротивна на изјавите дека Владата ќе почека на одлуката на Управнито суд, но и моментот во кој се носи одлуката а тоа е на прагот на формирање на техничка влада тоа е сигурен показател дека се работи за политичка одлука,

рече Патрик Форвард од Еуромакс Ресорсес.

Инвеститорот, и странските адвокати тврдат дека Владата праќа лоша порака до инвеститорите, а нивните домашни застапници посочија дека и други компании се соочиле со проблеми, споменувајќи го случајот со рудникот „Казандол“.

Наташа Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ