Ѕанакопулос: Решението за името зависи од волјата на соседите

Нацрт-спогоедбата од Грција, на 20 страници се уште не е доставена до македонската страна. Иако Грција најави дека до крајот на месецов таа ќе и биде испорачана на земјава, постои можност предлог-спогодбата лично во Македонија да ја донесе грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на почетокот од март.

Во прерсет на спогодбата и најавената посета на Коѕијас, портпаролот на грчката влада денеска говорејќи за грчката телевизија „Алфа“, порача дека грчките позиции и предуслови се јасни, а соседната земја е таа што треба да покаже волја и расположение за договор, а во спротивно нема да има решение.

„Ние имаме кажано кои се предусловите за да се постигне решение. Оттука, доколку нашите соседи имаат расположение и волја да одиме напред, да се насочиме кон едно заемно прифатливо решение, ние сме отворени и го имаме покажано тоа, ако не, нема да има решени“, рече Димитрис Ѕанакопулос.

Ѕанакопулос изјавата ја даде како коментар на ставовите на македонскиот премиер изнесени вчера во интервјуа за „Шпигел“ и „Еуроњуз“ во кои тој подвлече дека нема потреба од менување на Уставот на Македонија, како и тоа дека не постои рационален аргумент за барањето на Грција сложеното име да биде без превод т.е. да остане во оригинална македонска транскрипција.

Инаку предлог-спогодбата, како што објави вчера „Катимерини“ содржи седум точки кои го опфаќаат името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите. Како што пренесуваат тие, спогодбата е сеопфатна и ги содржи одговорите на сите прашања кои се однесуваат на релациите меѓу двете земји, како и за самата перспектива на Македонија во меѓународните организации.

Коѕијас најавувајќи ја спогодбата уште во јануари, рече дека таа нема да биде, „земи или остави“, туку македонската страна ќе може да даде свои забелешки на неа.

Според она што е објавено во грчките медиуми, иако Грција не сака етапно решавање на проблемот, туку во пакет, нацрт-спогодбата остава простор дел од прашањата да бидат решени чекор по чекор. Како такво се споменува процесот за стандардизацијата на ИСО кратенките, меѓу кои и кратенката МКД, а кои директно влијаат и на трговските ознаки под кои извезува земјава.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ