
Истрага за трагичната игра „синиот кит“- обвинителството бара причини за мистериозно самоубиство на 13-годишно девојче
Смртта на 13-годишно девојче од Гоствар, заведена како самоубиство, се истражува поради сомнежи за влијание и наведување на починатото. Обвинителството потврди дека е отворена истрага поради поради определени индиции по што се испитуваат мотивите кои биле причина за смртта.
Телото на младата жртва е најдено во понеделник на 25-ти ноември во нејзиниот дом. Првичните претпоставки се дека смртта настапила од труење со лекарства или опасни материи. За да се утврди точната причина за смртта во тек се токсиколошки и биолошки анализи во скопскиот Институт за судска медицина.
Сомнежот дека е можно девојчето да било наведено на трагичниот чекор побудила обдукцијата извршена во гостиварската судска медицина, каде било откриено дека жртвата имала и други повреди, рани и исеченици по телото.
Истражителите се посомневале на припадност на секта односно дека е можно и да учествувала во трагичната игра позната како „син кит“ кога преку интернет им се даваат задачи и предизвици на деца со кои тие се тераат на самоповредување.
Гостиварското обвинителство издало наредба за вештачење на телефонот и на комуникацијата преку социјални мрежи на починатото девојче. МВР треба да изврши разговори и со семејството, пријателите и соучениците на младата жртва, како и со наставниот и со стручниот кадар во основното училиште каде одела.
Обвинителството побарало МВР да изврши проверки и споредба со евентуално слични случаи во државата или надвор од Македонија. Досега во Македонија не е потврден случај на смрт предизвикана од малициозната појава „син кит“.
Сомнежи за такво влијание врз смрт на ученик имаше минатиот ноември кога 14-годишно момче се обеси во кочанско. Експертите во емисијата КОД од декември лани предупредуваа и советуваа родителите и наставниците внимателно да реагираат доколку нивното дете нагло го промени начинот на однесување или почне да се самоповредува.
Миомир Серафиновиќ