Дипломатијата разбранувана од предлог-измените на Законот за МНР

Зголемување на бројот амбасадори од редовите на МНР на 80%, разграничување во структурата на МНР на три категории, дипломати, администрација и помошно технички лица се дел од предложените измени на Законот за надворешни работи. Се предвидува и формирање на ново тело, Колегиум. Дел од предлозите ги образложи лично шефот на дипломатијата.

„Со новиот закон се предлага формирање на ново тело Колегиум кое има надлежности во спроведувањето на насоките на политичкото раководство во остварување на стратешките цели во надворешната политика, но и заземање ставови и политика за управување со човечки ресурси. Колегиумот ќе биде составен од министерот и заменикот, државниот секретар и четири генерални директори“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Димитров информираше дека ќе се ограничи и бројот на преземање на вработени од други институции во МНР на најмногу 1% годишно и тие да имаат најмалку пет години исксуство во надворшената политика, меѓународнот право или меѓународните односи. Се менува и начинот на унапредување т.е. до ниво советник ќе се стига по автоматизам, а за највиските звања ќе треба поддршка од Колегиумот.

Забалешки на измените имаат и двата синдикати во МНР.

„Имаме забелешки во однос на одредени рокови за стекнување на дипломатски звања. Имаме исто така забелешки во однос на категоријата на колегите со административнизвања“, изјави Рефет Хајдари од Синдикат на македонска дипломатска служба

„Спречува, односно, забавува навремено кариерно напредување на дипломатите со поставени бескрајни рокови. Така што ќе ви кажам, ни нашиот министер Никола Димитров, денеска со овој закон не би исполнил услов да излезе како амбасадор“, посочи Зоран Дабиќ од Македонски дипломатки синдикат   

Поранешниот министер за надворешни работи, Александар Димитров, измените во делот на вработување, унапредувањето, контролата, рече дека се добри, но имаше други забелешки.

„Според мене мора да се воспотави и предвиди систем на ветинг на дипломатите“, рече Александар Димитров, поранешен министер за надворешни работи.

За него спорно е и тоа што со предлог-законот ќе се дозволи амбасадор да има двојно државјанство, а не како до сега само македонско. За Димитров спорни се и само трите месеци обука за оние кои се упатуваат за амбасадори, а не доаѓаат од кадарот на МНР.

„За да стигне некој дипломат да биде кандидат за амбасадор, според Законот, му требаат 15 години работно искуство. Не знам кои се тие вундеркинди кои за три месеци ќе можат да го надоместат тоа, да го изградат, да го научат“, рече Александар Димитров.

Забелешки за измените стигнаа и од Собранието на кое му се намалуваат ингеренциите во постапката за именување на амбасадори. Од таму реагираат на предлогот сослушувањето на кандидатите за амбасадори пред Комисијата за надворешни политика повеќе да не биде конститутивен дел од нивното именување.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ