
Парламентот посилно да го контролира трошењето државни пари, без тоа власта станува моќна и се отуѓува
Ако сме барем малку самокритични, ќе си признаеме дека кога станува збор за надзорната улога на Собранието врз извршната власт, а особено за контролата врз трошењето на државните пари, заостануваме во однос на високоразвиените демократии. Можеби не сме толку лоши во поглед на законите и механизмите – Комисијата за финансирање и буџет има улога при носењето на буџетите и ребалансите, тука се и пратеничките прашања, но останува отворено прашањето колку Собранието е навистина ефикасно во таа контрола, беше искрен пред европратениците собранискиот спикер Џафери.
„Сите ќе се согласиме дека без ефикасна контрола на парламентот врз буџетот – државното ќесе, не можеме да зборуваме за вистинска парламентарна демократија, односно за контрола врз извршната власт. Ако таа отсуствува, изршната власт станува моќна, се издига над другите две гранки на власта и се оттуѓува од општеството и граѓаните, што создава поволни услови за ширење на корупцијата. А од корупцијата имаат корист само многу тесен круг на политички и бизнис елити“, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.
На конференција на тема „Моќта на ќесето“, европарламентарците јасно им порачаа на македонските колеги дека Европа сака да ги прими земјите од Западен Балкан, затоа и во претходните 10 години унијата за претпристапна помош на регионот инвестираше девет милјијарди евра, а за годинава се предвидени над една милијрада. Но и самите држави мора повеќе да се потрудат да обезбедат поголема буџетска контрола – како, каде и за што се трошат овие средства, за тие да не завршат во сомнителни канали.
„Не е важно само да се добие грантот и парите за земјите, туку и да се следи патот на овие пари за да се најде сигналот на каков било ризик за корупција, кој можеби постои или какви било неправилности. Националните парламенти овде играат мошне важна улога“, рече европратеникот Шолтес.
Тој го препорача словенечкото искуство каде во Собранието покрај матичната комисија за буџет, постои и таква за контрола на буџетот, која ги следи ревизорските извештаи и сигнализира за корупција, но не само за државната каса, туку и трошењата на општините, судската власт и јавниот сектор.
Буџетската рамка на ЕУ се носи за период од седум години, а секоја година посебно се усвојува годишен буџет, годинава тој ќе тежи 155 милијарди евра.
И додека европратениците им делеа совети на нашите како да го контролираат трошењето на државните пари, тие, барем во првиот дел на сесијата немаа што да им кажат или да ги прашаат, побараа да се подготват за време на паузата.
Нина Нинеска-Фиданоска