Дали ќе никнат згради кај поранешната фабрика “Треска”?

Некогаш била индустриски гигант, а денес фабриката за мебел „Треска“ која што е во стечај има изгубено огромен дел од имотот.

Истиот му е вратен на Александар Виќентиевиќ кој по речиси две децении процес, успеал да издејствува денационализација.

Телма не успеа да стапи во контакт со него за тој лично да ни каже што планира да прави со имотот.

Деталниот урбанистички план за таа локација во овој момент е под мораториум и е ревидиран од службите во Општина Центар, а градоначалникот Богдановиќ тврди дека нема да дозволи сопственикот на земјиштето да прави што сака на таа локација.

„Немаат дојдено лично, имаат свои правни застапници коишто доаѓаат. Е, сега, тие имаат свои идеи, но нивната идеја и нашата заложба е друго. Така што, ние прво гледаме нашите приоритети да си ги втемелиме во тие планови, а после тие ќе си ги искажат желбите. Дали ние ќе ги прифатиме тоа е наша одлука. Се што е државно земјиште ќе гледаме да го исчистиме и да го дадеме како јавен простор, а да видиме што е тоа што можеме да го ограничиме да не биде само зграда, зграда, зграда… туку да направиме нормален простор кој што ќе биде нормален за луѓето коишто утре би живееле таму“ за Телма изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Комисијата за одлучување по барања за денационализација лани одлучила во корист на барателот за тоа земјиште, а Телма успеа да стапи со стечајниот управник на „Треска“ кој ни кажа дека помалку од 10% од имотот останува во сопственост на Фабриката.

„По една долготрајна постапка за денационализација започната од 2001 година, беа донесени решенија по кои беше вратен имотот на барателот Александар Виќентиевиќ од Скопје. 8% од овој недвижен имот и објекти се сопственост на Треска Мебел АД во стечај Скопје, додека на преостанатите 92% од имотот, сопственик е Алексанадар Виќентиевиќ“ – вели стечајниот управник на фабриката “Треска”, Радослав Кипровски.

Целиот процес на денационализација, но и стечајната постапка за „Треска“ значеше и изигрување на вработените, смета правникот Драге Јовановски кој ги штитеше правните интереси на работниците.

„Практично, не беа применети оние закони коишто важат во Европа, да една постапка за стечај трае не подолго од месец, два, три и да можат и работниците да знаат на што се. Ако е 92% од имотот припаднал на некој сопственик, во тој случај очигледно е дека многу мал дел ќе остане да се користи за работниците, односно да може да се добијат средства за други давачки за работниците“ изјави Драге Јовановски, правен советник.

„Треска“ од 2005 година е во стечај, а работници оттаму на почетокот на ноември протестираа во дворот на поранешниот индустриски гигант затоа што се уште чекаат да бидат исплатени со пари од плата, за стаж, за храна и за превоз.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ