
Власта и опозицијата треба да работат заедно
Власта и опозицијата треба да работат заедно за доброто на државата. Без политички дијалог меѓу нив, нема европска иднина за Македонија, изјави европратеникот Иво Вајгл на Конференцијата на комисиите за европски прашања од Западен Балкан.
Вајгл појасни дека првиот состанок од дијалогот Жан Моне ќе биде во Македонија. Неговиот колега Кукан појаснува дека единствена тема е политичкиот дијалог.
„Во дијалогот Жан Моне нема да зборуваме за прашањето за името. Никогаш не сме зборувале за тоа. Ќе говориме за дијалогот меѓу парламентарните политички партии. Нашата цел е култивирање на политичкиот дијалог и на компромисот“, вели европратеникот Кукан.
Претседателот на Собранието Талат Џафери се согласува дека мнозинството мора да создаде услови опозицијата слободно и демократски да ги артикулира своите интереси. Како знак дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува европската агенда, неколку пратеници од оваа партија учествуваа на конференцијата.
Во заедничката изјава сите земји учеснички испратија јасна намера за поскоро интеграција во Европската унија и за имплементација на европските вредности.
Груби објасни дека знамињата на сите земји од Западен Балкан веднаш биле тргнати, откако српската делегација реагирала што е истакнато и знамето на Косово.
Соња Николовска