
Сведок во „Еразмус“: Шуклев бараше да има сексуални односи или 1.000 евра за да стави оценка
Бобек Шуклев , професор на Економискиот факултет барал да има секс со студентка или таа да му плати 1000 евра за да добие преодна оценка. Вака на денешното рочиште сведочеше Дејан Трајковиќ ексвработен во бифето на овој факултет – повик во својство на сведок за случајот „Еразмус“.
Трајковиќ рече дека во периодот од 2015 и 2016 две студентки кои често доаѓале во бифето го прашале дали може да им потегне врски за да положат кај професерот Шуклев. Тој му рекол дека девојчето е слаба студентка. Но потоа го викнал вработениот во бифето и му рекол дека на студентката ќе и стави оценка ако има секс со нејзе или да плати 1000 евра.На тоа студентката одговорила дека нејзините родители се добро ситуирани и ќе ја плати целата сума која професорот ја бара.
По некое време, двете студентки, од кои, како што опиша сведокот, „едната црнокоса а другара бремена “, повторно го прашале дали има шанси да посредува и за оценка кај други професори.Демонстраторот Драган Денковски му кажал на сведокот Трајковиќ дека може да заврши работа за студенти да добијат оценка кај повеќе професори меѓу кои Славе Ристески, Драги Јанев, Бобек Шуклев. Тарифите за плаќање за оценка кај професорите движеле од 500 до 1000 евра.
Двете студентки прифатиле да платат и тие му дале пари и своите индекси на Трајковиќ за тој да му ги предаде на Денковски.
Сепак сведокот вели дека тој лично не видел дека парите им биле давани на професорите, тој му ги предавал на демонстраторот.
Во случајот Еразмус обвинети се неколку професори на Економскиот факултет, Славе Ристески, Драги Јанев, Стојан Дебарлиев, Шуклев и демонстраторот.
Следното рочиште за случајот „Еразмус“ е закажано за 23 декември.
Теодора Цветковска