
Постаменти за споменици или менување табли согласно Преспанскиот договор
Менување табли на спомениците согласно Преспанскиот договор или поставување постаменти е дилемата која се отвори по објавувањето на склучениот договорот меѓу Владата и фирмата Принт Mарк доел.
На 4 декември Владата склучила договор со фирмата Принт Марк вреден 346.920 денари или речиси 5000 евра за поставување постаменти на кои ќе бидат ставени натписите дека спомениците потекнуваат од античката Хеленска историја.
Збунува фактот што во склучениот договор стои дека предмет на договорот се постаменти за споменици додека согласно Преспанскиот договор требаше да бидат сменети само таблите на одредени споменици.
“Станува збор за набавка на сталаци, држачи, односно постаменти за информативни табли за седум споменици обврска која произлегува од Преспанскиот договор. Со набавката се предвидува набавка на две информативни сталаци или држачи за седум локации вкупно. Единствениот критериум за набавката беше најниската цена” – вели портпаролот на владата, Мухамед Хоџа.
На 15-ти август согласно Преспанскиот договор, според Член 8 со кој во рок од шест месеци требаше да се преиспита статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата кои упатуваат на античката хеленска историја беа залепени нови табли на трите споменици: Воинот на коњ стана Александар Македонски, Филип Втори и Олимпија добија исто така нови табли со што трите споменици беа означени како дел од античката Хеленска историја.
Нина Стефанова