
Јункер: Не дојдовме да ви соопштиме датум, туку да ви кажеме дека сте на добар пат
Пречекот на студеното време беше топол и пријателски. Пораки со сличен интензитет ги пренесе и пред новинарите, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер кој во Скопје пристигна заедно со надлежниот еврокомесар Јоханес Хан. Македонија е на вистински пат, пофалби за досегашните реформи од кои некои го зачудија светот, беа пораките на првиот чевек на Комисијата кој немаше конкретни забелешки за спорот за името, а договорот за добрососедство со Бугарија го нарече импресивен.
Премиерот пак очекува јунска покана за почеток на преговорите. Заев за како што го нарече „клучниот проблем што Грција го има со нашето уставно име“, истакна дека продолжува да се работи на решение, и го кажа прифатливото за владата.
Јункер ја почна турнејата по регионот за да ја претстави Стратегијата за проширување на Европската Унија, нов правец на Брисел кој треба да овозможи и побрза евро интеграција на балканските држави. За Скопје кажа последен пат бил во 2003-та и за свое злодело го смета тоа што цели 15 години не го посетил. Со неговиот препознатлив духовит речник, Луксембуржанецот Јункер истакна дека како свое второ злодело го смета и брзото заминување од државата бидејќи турнејата уште попладнево ја продолжува. Дипломатски избегна да го каже името на државата, нарекувајќи ја вашата држава. По прес конференцијата замина на средба со претседателот Иванов на Водно, кој беше задоволен што Балканот и Македонија се повторно приоритет за Брисел.
СООПШТЕНИЕ ОД КАБИНЕТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАКЕДОНИЈА
„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската Комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна”, рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси, преку соодветното вреднување на нашиот напредок, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија. Македонскиот претседател ја нагласи неопходноста од фер и објективен пристап за Република Македонија, во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.
Јункер уште на прес конференција порача дека иако некои земји членки на Унијата се заморени од процесот на проширување, Европска Унија не е нивна сопственост и дека Европа мора да ги вреднува напорите на државата.
Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ со пофалби за Јункер и со поддршка за евроинтегартивниот процес на Македонија, но со критики за премиерот и за неговата партија.
СООПШТЕНИЕ НА ВМРО-ДПМНЕ
Наместо посветеност на реформските процеси, власта се насочи кон креирање на штетни договори, неуставни закони и расипничко трошење на парите на граѓаните. Граѓаните го прашуваат Зоран Заев, дали го информираше Претседателот Јункер, за политичката тортура која се спроведува во државата, неоснованите притвори и монтираната истрага против десетина лица за тероризам.
Претседателот на Европската Комисија, од прес конференција порача дека и опозицијата треба да учествува во реформите во интерес на државата. Македонија беше првата земја на неговата турнеја, а попладнево тој замина во Албанија.
Миомир Серафиновиќ