Акција за целосна заштита и конзервација на скопскиот аквадукт

Скопскиот аквадукт ќе биде реставриран и ќе има повеќе придружни и рекреативни содржини. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази

„По повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година издвоиме 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази, изјави денес министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој заедно со премиерот Зоран Заев и градоначалниците на град Скопје и општина Бутел го посетија овој објект во близина на Скопје.

Во изјава за медиумите премиерот Зоран Заев кажа:

Во годината посветена на европското културното наследство, нашето внимание е кон грижата за нашите културни и историски богатства.Го покажавме тоа и со усвојувањето на мерките за заштита на Охрид, со што ја спречивме опасноста за губење на статусот на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Го спречивме пропаѓањето на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, ја заштитивме галеријата со престари икони во Музејот на Македонија и многу други зафати. Апелирам до сите институции и граѓани – неопходно е сите заедно да се грижиме и да ги чуваме убавините на Македонија“.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека градот ќе обезбеди соодветна инфраструктура во контактните зони со Аквадуктот.

„Од програмата за јавни дејности на градот Скопје на оваа локација имаме предвидено и изградба на она што недостасува на нашиот град, а тоа е летна сцена со 600 – 1000 седишта која ќе биде изградена надвор од заштитеното подрачје и при тоа ќе биде изведена на начин што нема да пречи на визурата на Скопскиот аквадукт“, додаде Шилегов.

Нина Стефанова

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ