Промовирана новата интернет-страница на ЈОРСМ

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска ја промовираше новата интернет-страница, www.jorm.gov.mk, на која може да се следат информации од Јавното обвинителство на РСМ, од вишите јавни обвинителства, од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и од основните јавни обвинителства.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески истакна дека со новата интернет-страница  се зголемува транспарентноста во работењето на обвинителството што е значајно за поголема доверба на граѓаните во оваа институција.

-Корисниците на интернет-страницата ќе можат да најдат документи и правни акти од кривичната област и други релевантни податоци за нашата дејност. Наша обврска кон граѓаните за давање точни, проверени и релевантни информации придонесува не само за информирање, туку со тоа се стеснува и просторот за шпекулации и лажни вести, рече Јовески.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека интернет-страница е дел од напорите за зајакнување на капацитетите на обвинителите за односите со јавноста.

-Отвореноста и транспарентноста се столбовите на демократијата и тие се потребни за граѓаните да имаат доверба во правната сигурност. Владеењето на правото не изискува само испорачување на правда, туку и почитување на правдата од оние кои ја испорачуваат. Затоа важно е да комуницирате со јавноста со цел правдата да може да се види, рече амбасадорот Која.

На денешната промоција на новата интернет-страница, државниот јавен обвинител Јовески на амбасадорот Која му врачи благодарница за соработката. Новата интернет-страница на ЈОРСМ е овозможена со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ