Александар Велики приземјен-извадени буквите од скопскиот аеродром

Александар Велики е приземјен. Старото име на скопскиот аеродром замина во историјата. Буквите денеска беа извадени откако Владата одлучи да се промени името во знак на добра воља во односите со Грција. Неколкумина работници со скали една по една ги вадеа кириличните букви од предната страна на зградата, а потоа и латиничните од страната каде се аеродромските писти.

Буквите со новиот назив Меѓународен аеродром Скопје се очекува да бидат поставени во најскоро време, но сепак неофицијално тоа може да потрае и десетина дена. Од ТАВ Македонија велат дека ја спроведуваат одлуката на Владата без да прецизираат детали.

ТАВ Македонија

Почнавме да ја имплементираме Одлуката на Владата. Знакот со името на терминалната зграда се отстранува, додека процеси за промена на името исто така, согласно инструкциите на Владата, се спроведуваат, и за сите предмети и содржини на аеродромот.

Неофицијално веќе се менува и целиот аеродромски систем па во иднина и на информативните табли и на авионските карти ќе биде избришано името Александар Велики и ставено новото име Меѓународен аеродром Скопје.

Сите промени се прават во рамки на домашниот систем и нема да има никакви промени надвор од земјава. Ова е од причина што меѓународно за скопскиот аеродром отсекогаш се користи само кратенката СКП која нема да се промени без разлика што во Македонија е сменето името.

Дополнително се очекува Владата да побара од ТАВ да се отстрани и статуата на Александар Македонски од холот на зградата.

Неофицијално, трошоците за сите промени во и околу аеродромот ќе паднат на товар на ТАВ.

Во меѓувреме, се вадат и старите табли со името Александар Велики долж автопатот,а се очекува поставување на нови со називот Пријателство. Вкупно се менуваат 25 табли за автопатот и за аеродромот чија цена според директорот на Државни патишта се очекува да биде 80.000 евра. За замената на таблите не бил спроведен посебен теднер. Одлуката за промена на името на аеродромот и на автопатот ја објави премиерот Заев по заедничката средба со Ципрас на крајот на јануари.

Александар Манасиев

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ