
Нема лекар од Македонија заинтересиран да специјализира детска неврохирургија
Проф д-р. Мемет Озек е меѓу водечките светски детски неврохирурзи. На одделот за педијатриска неврохириргија во болницата ,,Аџибадем Алтунизаде’’ во Истанбул, годишно изведува од 600 до 700 операции заедно со неговиот тим составен од лекари специјалисти во разни области. Половина од пациентите се од странство, меѓу кои има и дечиња од Македонија. Во последните пет години немало ниту еден смртен случај на овој оддел. Клучот за успехот е тимската работа – истакнува професор Озек.
,, Кај овие пациенти е неопходно да се работи со тим, со екипа во која има ортопед, невролог, неврохирург, доктор за анализа на движења и физиотерапевт. Потребна е мултидисциплинарна екипа. ’’-вели докторот.
Нема многу центри кадешто може да се земе супспецијализација за педијатриски неврохирург. Америка иако е голема како континент и држава, само на 20 клиники постои ваква можност. Овој центар за детска неврохирургија во Истанбул, кој се смета за еден од најразвиените не само во Европа туку и пошироко, ја нуди можноста за усовршување во оваа област. Но, македонските лекари не покажале интерес за тоа.
-Досега никој од Македонија нема стапено во контакт со мене, ниту на телефон, ниту на е-маил. Но, вратата е отворена за сите.
Во оваа болница доаѓаат пациенти со тумори лоцирани длабоко во мозокот, деца со спацититет, церебрална парализа, епилепсија, хидроцефалус. Покрај класичните операции, тука се изведуваат и ендоскопски оперативни зафати кои имаат две позитивни страни, траумата не е толку голема бидејќи се интервенира на мал дел и престојот во болница е пократок. За хируршкиот зафат да биде успешен операцијата треба да се направи што порано, понекогаш и во првите денови по раѓањето на бебето.
-Гинекологот додека го следи бебето за време на бременоста кога е во стомакот на мајката, ако забележи дека нешто не е во ред и се посомнева на спина бифида, тогаш мора да стапи во контакт со неврохирургот зa да се испланира операцијата веднаш по породувањето, кое треба да се изведе со царски рез. Многу е важна дисциплинираната организација на тимот за проблемот да се реши’’, вели д-р. Озек.
Во 21 век, за добра дијагностика и лекување потребна е развиена технологија. А, добро развиената технологија е скапа. Цените на операциите се движат од 5000 до 40 000 долари. За интервенција на тумор во мозокот, во зависност од неговата локација, треба да се платат од 25 000 до 40 000 долари. Болницата нема договор со фондот во Турција. Но, пациентите со државно осигурување имаат некои привилегии.
-И во турското јавното здравство е проблематично е да се оформи и работи со ваков тим. Во Лондон и Париз функционира ваква екипа од лекари, но во Германија на пр. не постојат центри каде се работи на овој начин, вели д-р. Озек.
Во екипата на професорот, кој беше претседател на унијата на педијатриски неврохирурзи во Европа, работи и еден македонец. Гостиварчанецот д-р. Енис Шабан е раководител на Центарот за анализа на движење во оваа болница, каде се прави проценка на пациентите кои имаат проблем со движењето со помош на специјална технологија. Тој 13 години е дел од неговиот тим.
-Еден дел од семејство на професорот е од Призрен, тој многу сака да работи со луѓе од Балканот. Ако ја погледнете нашата екипа, ќе забележите дека голем дел од колегите со кои работиме се од Балканот, бидејќи луѓето што доаѓаат од Балканот имаат поинаков менталитет, многу се вредни, многу работат и многу се бистри.
Досега од Македонија, само д-р. Рендевски пројавил интерес за усовршување во оваа болница. На д-р. Шабан не му е јасно зошто не постои интерес за супспецијализација во областа на детската неврохирургија кај лекарите од Македонија.
– Колегите од Македонија кога би дошле тука би стекнале големо искуство кое би го примениле во Македонија. Не знам во што е проблемот. Кога ги гледам државите од Балканот, кога одам на семинари и курсеви, ми изгледа дека се уште не преминале од старото на ново. Посебно има проблем со постарите генерации кои немаат преминато од комунизмот кон капитализмот. Овие промени полека се случуваат на Балканот. Планот да соработуваме со колегите е од 2010 година, сакавме да направиме нешто, но се’ некако оди бавно.

За да се дијагностицираат и работат овие операции потребна е најсовремена технологија. Кога болниците ја немаат обезбедено технологијата, тогаш се работи на стариот начин, како пред 30-40 години. Медицината брзо се менува заради напредокот на технологијата, такашто докторите мора да следат што се случува и да учат. А за тоа, мора да одат во равиените центри во странство.
-За супсцпецијализација, во програмата која трае околу 6 месеци, неврохирурзите може да дојдат тука на усовршување, да ги следат операциите, во центарот за движење да научат како се прави евалуација на пациенти кои имаат проблем со движењето, на радиологија да научат како се работи со новите технологии на магнетната резонанца, да ја следат работата на неврологот и анестезиологот. Тоа се скапоцени 6 месеци. Проблемот е што програмата е пополнета до 2021 год. Професорот издејствува нешто како стипендија за да може да се финансираат оние што доаѓаат овде на усповршување. Но максимално може да се користат две стипендии.
Д-р Шабан вели дека операциите изгледаат многу едноставно ако го гледате како ги изведува професорот. И тука специјализантите ја прават главната грешка.
– Тој работи на место со пречник од еден сантиметар, каде што е туморот и работи без да му се тресат рацете. Кога се враќаат од едукациите, колегите сакаат веднаш да почнат со најкомлицираните операции, а секогаш им кажуваме прво да почнат со наједноставните техники, прво нив да ги усовршат, и потоа да почат да ги работат најкомплицираните работи, вели доктор Шабан.
Марија Атанасовска
.