
Полковник Зоран Секуловски е новиот воен претставник во НАТО
Новиот воен преставник на Македонија во НАТО се уште не стигна до Брисел, но е во делегацијата која отпатува на самитот во Лондон.
Полковник Зоран Секуловски е новиот воен претставник во НАТО. Името на Секуловски беше усогласено минатата недела меѓу министерката за одбрана Шекеринска и претседателот Пендаровски.
„Консултациите кои ги правевме со претседателот вродија со плод. Тој донесе одлука за воен претставник вчера и веднаш ја информиравме Алијансата за од нивна страна да почнат да течат процедурите“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.
Откако ќе стигне потврдата од НАТО за воениот претставник од Македонија, тој ќе биде официјализиран со указ од шефот на државата.
Според информациите на Телма, се очекува целата процедура да заврши за најмногу две недели.
Името на Секуловски е избрано од 12 кандидати кои се огласиле на интерниот конкурс на Министерството за одбрана за воен претставник.
Секуловски инаку е дел од тимот кој работел на Стратегискиот одбранбен преглед на земјата како клучен документ за водење на реформите во одбраната и за членство во НАТО. Во биографијата му се запишани странски мисии, но и воени обуки во САД.
„Сметам дека имаме одлично решение. Човек кој бил наш прв офицер во Партнерство за мир и наш прв офицер во една од мисиите. Така што навистин покажавме дека ја цениме професионалноста и дека ги испраќаме луѓето на кои државата и НАТО ќе можат да се потпрат“,Радмила Шекеринска, министер за одбрана.
Инаку земјава повеќе од една година немаше воен претставник во Алијансата, во периодот додека се правеа последните подготовски на земјата за полноправно членство.
Обид да се пополни ова место имаше во февруари кога со указ на поранешнито претседател Иванов во НАТО беше упатен бригадиот-генерал Мирче Ѓоргоски.
Овој указ, заедно со уште пет други со кои беше извршена смена на командни места во АРМ, Антикорупциска ги прогласи за незаконски, а Пендаровски во јули со нови укази ги потврди дел од решенијата на Иванов, но не и тоа за НАТО.
Македонија подолг период нема ниту амбасадор во НАТО.
Неофицијално за оваа позиција е избран Дане Талески, но неговото именување веќе неколку месеци е заглавена во партиското договарање на амабасадорските имиња.
Тамара Грнчароска